Марио Б. (15) беше брутално убиен на 19 јануари во општина Ченеј во Романија, а за убиството се сомничат двајца момчиња на 13 и 15 години.
На фаталниот ден, Марио тргнал да се сретне со двете момчиња, без да претпостави дека ќе го убијат поради љубомора. Според податоците од истрагата, осомничените го планирале злосторството еден месец, љубоморни затоа што Марио имал повеќе од нив.
Минатиот понеделник во доцните попладневни часови, двете момчиња го повикале Марио да дојде во куќата на помладиот тинејџер за да „го види квадот што му го испратил таткото од странство“. Кога Марио стигнал на место, момчињата го нападнале со секири и нож, нанесувајќи му смртоносни повреди. Потоа повикале уште едно 15-годишно момче, кое им помогнало телото со работни колички да го пренесат на блиска нива.
Телото подоцна го запалиле и закопале.
Злосторството било откриено дури по неколку дена, бидејќи момчињата давале спротивставени изјави за тоа кога последен пат го виделе Марио.
Безбедносните камери го снимиле Марио на 19 јануари како со својот тротинет оди кон куќата на помладиот тинејџер, и од тогаш му се губи секој трага.
По откривањето на злосторството, полицијата ги привела тројцата момчиња, кои за време на сослушувањето признале сè. За двајцата постари е одреден притвор до 30 дена, додека најмладиот е пуштен на слобода, бидејќи поради возраст не може кривично да одговара.
Според пишувањата на локалните медиуми, откако бил испитан на психијатриско одделение, момчето било пренесено во куќата на бабата и дедото, во село околу 30 километри од српската граница.
Жителите наскоро дознале каде се крие момчето и сакале да го линчуваат. Мајката во последен момент успеала да го извлече од куќата и да го врати во болница, каде што е под постојана полицаиска заштита.
Куќата на бабата и дедото, каде што момчето престојувало најмалку еден ден, е чувана и од полицијата. Безбедноста била поставена откако в неделата повеќе од 200 жители на селото тргнале кон куќата со намера да го најдат момчето. Ситуацијата заканувала да ескалира, но бабата и дедото, откако момчето било одведено на сигурно, дозволиле граѓаните да влезат и да ги пребараат просториите за да се уверат дека момчето не е таму.
Полицијата била присутна цело време, но не интервенирала.
Медиумите наведуваат дека жителите дури се качувале и на покривот за да го проверат таванот и деловите од оџакот, за да се уверат дека момчето не е сокриено таму.
Многу граѓани на Романија бараат да се промени законот, така што и лица под 14 години би можеле кривично да одговараат. За ова прашање веќе се водат разговори во Министерството за правда.
