ВИДЕО „За вас е обичен човек, за нас монструм“: Таткото на загинатата Надица во „Пулс“ со жестока реакција до адвокатката Коцевска

Александар Наунов, родител на Надица Наунова загината во трагедијата во „Пулс“, упати остра јавна реакција до адвокатката Коцевска. Во своето обраќање, тој ги отфрла нејзините тврдења за наводен напад врз неа и ја потсетува на, според него, суровите зборови изречени во судницата.

Наунов реагира на претходната изјава на адвокатката, која се пожали дека нејзиниот лик бил злоупотребен на постер за време на маршот за правда. Тој истакнува дека семејствата не ја нападнале лично, туку бараат правда, а нејзината реакција ја нарекува „потценување на интелигенцијата“.

„Вашата емпатија е суровост“

Наунов директно ѝ се обраќа на Коцевска, потсетувајќи ја на моментите од судењето кои родителите ги доживеале како особено болни.

„Кога јавно зборувате за ‘сочувство и емпатија’, мора да ве потсетиме на вашите сопствени зборови… На судењето рековте дека обвинетиот требало да одговара за ‘небрежност’, дека ‘немал свест’ за обврските и најболната реченица: ‘За вас е тој монструм, за мене е обичен човек’. Тоа не е емпатија. Тоа е суровост!“, пишува Наунов.

За постерот и „небулозните“ обвинувања

Во однос на обвинувањата дека нејзиниот лик бил искористен на постер, Наунов вели дека многу луѓе можеле да се препознаат во таа илустрација, но само таа реагирала.

„Ние, семејствата, не ве спомнавме. Ние не ве нападнавме. Ние организиравме марш – тивок, достоинствен чин на луѓе кои бараат правда. Не штрајк, како што велите. А најмалку повик против адвокатурата“, се вели во реакцијата.

Тој додава дека родителите го почитуваат правото на одбрана, но очекувале професионалност и почит кон нивната траума.

„Го браните неодбранливото“

Родителот на загинатото дете ја обвинува адвокатката дека се обидува да го релативизира вината на обвинетиот, претставувајќи го како човек без свест за своите постапки, иако доказите говорат поинаку.

„Се обидувате да прикажете лице кое стои во центарот на нелегален, небезбеден и финансиски нерегулиран објект, лице кое поради профит ги игнорирало сите безбедносни стандарди и го заобиколувало законот преку мито и корупција, како човек што ‘немал свест’. Дали бевте свесни колку е сурово тоа за нас родителите, на кои таа вечер децата им беа изгорени, задушени и згмечени?“, прашува Наунов.

Реакцијата завршува со порака дека семејствата нема да дозволат вистината да се „разводнува со спинови“ и дека нивната борба за одговорност продолжува.