ВИДЕО Зеленски: Заробивме двајца Кинези, се бореа на страната на Русија

Володимир Зеленски, претседателот на Украина, објави дека неговите војници заробиле двајца војници од кинеска националност за време на борбите на истокот на земјата. Според него, украинските сили се судриле со група од шест кинески војници, од кои двајца биле заробени. Зеленски изјави дека побарал од Пекинг официјално објаснување за овој настан.

„Имаме информации кои укажуваат на присуство на значително поголем број кинески граѓани во редовите на окупаторските сили од споменатите двајца. Во моментов активно работиме на утврдување на сите релевантни факти поврзани со овој случај“, нагласи Зеленски.

Кина се смета за еден од клучните партнери на Русија, а западните земји веќе долго време изразуваат сомнеж и го обвинуваат Пекинг дека и помага на Москва во војната против Украина. Кинеските власти цврсто ги отфрлија сите овие обвинувања, тврдејќи дека тие не доставуваат оружје за руските сили.

„Мешањето на Русија во овој конфликт, без разлика дали е директно или индиректно, е јасен показател дека Путин нема намера да ја прекине војната. Напротив, тој активно бара нови начини за нејзино продолжување“, оцени украинскиот претседател.

Зеленски изрази став дека Кина со овој чин застана на страната на Русија во нејзината агресија врз Украина и посочи дека ја очекува реакцијата на Соединетите Американски Држави на новосоздадената ситуација.

За време на конфликтот, странски борци од различни националности се приклучија на руската армија, често мотивирани од финансиски стимулации. Сепак, тоа не значи официјално учество на нивните матични земји во војната. Од друга страна, Украина тврди дека Северна Кореја испратила илјадници војници за поддршка на Русија. Претседателот Зеленски, исто така, го потврди присуството на украинските сили на територијата на рускиот регион Белгород, оправдувајќи ги овие дејствија како праведни и неопходни за враќање на војната таму каде што започна.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното