Во изминатите денови, граѓани од повеќе делови на Скопје пријавиле зголемено присуство на змии во урбани и фреквентни зони, што предизвика вознемиреност и реакции на социјалните мрежи.
Според сведоштва на жители, влекачи биле забележани на повеќе локации низ градот – на патот меѓу Горно и Долно Лисиче на 29 април, во близина на Кванташкиот пазар на 11 мај, како и во населбата Аеродром на улицата „Владимир Комаров“ број 27, каде змија била забележана на 10 мај. Дел од случаите биле документирани и со фотографии и видеа кои брзо се прошириле онлајн.
Иако експертите посочуваат дека ваквите појави не се невообичаени за пролетниот и летниот период, кога повисоките температури ги активираат влекачите, граѓаните сепак изразуваат загриженост поради нивното појавување во густо населени делови од градот.
Сè почесто се укажува дека запуштените тревници, празните парцели и дивите депонии создаваат идеални услови за појава и размножување на змии, особено во периферните и недоволно одржувани зони на градот.
Ова повторно ја отвора дебатата за потребата од подобро одржување на јавните зелени површини и зголемена контрола врз запуштените урбани простори во главниот град.