Виенската лекарска комора и Австрискиот фонд за интеграција започнаа специјални онлајн курсеви по германски јазик за лекари од странство.
Иницијативата има за цел да го забрза процесот на признавање на дипломи.
Курсевите се практично ориентирани и наменети за странски лекари кои се во процес на нострификација и ги подготвуваат за стручен јазичен испит пред Лекарската комора, објави градската канцеларија на Виена во Белград.
Часовите ги водат тимови составени од професор по јазици и лекар. Учесниците ги стекнуваат јазичните вештини потребни за секојдневната работа, од пополнување на медицинска историја до разговор со пациенти или членови на семејството.
Тие вежбаат ситуации од реалниот живот и учат практичен и професионален речник. Покрај тоа, добиваат формулари за медицинска историја, листи со кратенки, примери на случаи и контролни листи, се наведува.
„Кога зборуваме за недостигот на лекари, логично е дека мора да направиме сè за да им го олесниме патот на оние кои сакаат да започнат медицинска кариера во Австрија. Ова, секако, вклучува и потреба од совладување на јазикот на земјата во која сакаат да работат“, рече Јоханес Штајнхарт, претседател на Виенската лекарска комора.