Свет

Виетнам планира да евакуира повеќе од 300.000 луѓе поради тајфунот Каџики

Виетнам планира да евакуира повеќе од 300.000 луѓе поради тајфунот Каџики

Властите во Виетнам планираат денес да евакуираат повеќе од 300.000 луѓе и откажаа повеќе од десетина домашни летови пред очекуваното пристигнување на тајфунот Каџики.

Повеќе од 325.500 жители во пет крајбрежни провинции ќе бидат преместени во училишта, а јавните згради ќе бидат претворени во привремени центри за евакуација, соопштија виетнамските власти.

Националниот авиопревозник „Виетнам ерлајнс“ и „Виетџет“ објавија откажување на летовите.

Се очекува бурата да го погоди источниот брег на Виетнам утре.

„Ситуацијата е исклучително опасна и небезбедна за сите возила и објекти, како што се туристичките или рибарските бродови“, објави одделот за управување со катастрофи при Министерството за земјоделство и животна средина.

Тајфунот Каџики полека се движи по јужниот брег на Кина со ветрови што достигнуваат брзина од околу 170 километри на час и се очекува дополнително да се зајакне.

Кинеската метеоролошка служба соопшти дека се очекуваат обилни врнежи од дожд во делови од виетнамските провинции Ха Тин и Нге Ан во понеделник и вторник, при што силните ветрови веројатно ќе влијаат на енергетската инфраструктура, сообраќајот и другите сектори.

Ова е петтиот тропски циклон што го погоди Виетнам оваа година.

Повеќе од 100 луѓе загинаа или исчезнаа во природни катастрофи во првите седум месеци од 2025 година, според податоците од Министерството за земјоделство.

Научниците известуваат дека климатските промени предизвикани од човекот доведуваат до поинтензивни и непредвидливи временски настани, зголемувајќи го ризикот од поплави и разорни бури, особено во тропските области.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни