Високо образование за потребите и барањата на студентите и наставниот кадар или образование што е скроено по терк на политичките гарнитури, чии што потреби за законски измени се менуваат и имплементираат со секоја нова влада. Сакаме високо образование што создава квалитетни млади кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд и двигатели на општеството во иднина, но од брзите законски решенија и краткорочни одлуки, забораваме дека квалитетно образование се создава на долги патеки, само со консензуална одлука помеѓу државата и универзитетите. Кај нас, ниту е постигната таква одлука, ниту пак континуираниот пад на меѓународните ранг листи беа доволен мотив за ова прашање да се стави како приоритет во нашите национални политики.
Овие денови, покрај политичките случувања во нашата држава кога треба да се носат значајни одлуки за продолжување по европскиот пат и борбата со корупцијата, македонските медиуми со голем интерес ја споделија веста дека нашите универзитети повторно паднаа на меѓународното рангирање. И секако, има различни мислења од моите колеги, политичарите и новинарите за тоа кои се причините и како да се промени оваа состојба со придвижување напред.
Најчесто застапуван став е дека тоа може да се направи со сериозно национално вложување во науката, слично како во развиените европски земји и да се воведат нови законски норми со високи барања за нас, со цел зголемување на научноистражувачката продуктивност. Токму во 2015 година со Законот за високо образование се воспоставија високи критериуми за избор во звање, а како инвестиции во науката се прикажаа средствата за преводите на книги од странски автори и новите научноистражувачки лаборатории, во кои не може да постигнуваат врвни резултати ако континуирано не се обезбедуваат дополнителни ресурси и вработат млади истражувачки кадри. И уште повеќе, преку екстерно оценување (поразлична пракса од европската), требаше континуирано да се „преиспитува квалитетот на високообразовниот процес“, со целосна узурпација на академската слобода. Во 2018 година, како реакција на овие законски мерки, кои бараа резултати веднаш и без системска владина поддршка, новиот закон направи уште еден преседан во македонското високо образование, воспоставувајќи многу ниски критериуми за избор. Така поимот „референтна научна публикација“, покрај трудови во списанија со фактор на влијание, оди до таму што опфаќа и објави во зборници од национални конференции со меѓународен научен комитет. Согласно постоечките критериуми, од асистент до редовен професор може да се стигне на возраст помала од 40 години, без се да има објавено барем еден труд со фактор на влијание или референцирано во признатите меѓународни бази. Во отсуство на целосна примена на европските стандарди за надворешна евалуација и самоевалуација, овие млади редовни професори следните 27 години од својот работен век можат да го поминат без постигнувања во науката и притоа да бидат одговорни за образување на идните млади кадри.
Па така, секогаш кога ќе се објават новите ранг листи за универзитетите, ние зборуваме дека државата вложува „малку“, а државата (власта) вели дека ние (универзитетите) треба да работиме „повеќе“. Досега не успеавме да дефинираме колку е тоа „малку“ и „повеќе“, префрлувајќи ја одговорноста на другата страна. По меѓусебното конфронтирање што секогаш резултира со премолчан договор, остануваме во нашите комфорни зони и заеднички одиме надолу низ магична спирала која води до паѓање на меѓународните ранг листи и намалување на квалитетот на образованието во целина. Младите пак сѐ повеќе се одлучуваат за студии во странство каде подоцна би можеле да градат и професионална кариера.
Секако, за тоа како по правило прстот е вперен во УКИМ како најголем и најдобар универзитет, кој образува околу 70% од високообразовните кадри во Македонија. Ниту ние, па ниту другите универзитети, иако нашите универзитетски професори секогаш се дел од политичката елита, досега не понудивме национален модел за одржливо финансирање на високото образование кое ќе овозможи, можеби полека, но сигурно подобрување во рангирањето. Ниту сме пресметале колкави буџети ни се потребни за квалитетна наука, меѓународно препознатлива, ниту колку чини квалитетно образование во зависност од специфичностите на студиската програма. Ако тоа не може или не сака тоа да го направи државата, треба да го направи универзитетот. Да се процени, во колкава мера од потребните средства сега се покриваат од државниот буџет. Тогаш во толкава мера може да се испорачува и квалитет.
За да има конкурентност која се заснова на квалитет, треба да се смени моделот на финансирање, па средствата стекнати од студенти да немаат влијание на одржливоста на наставниот процес, што особено е истакнато кај студиските програми од национален интерес, а со мал број на студенти. Приватните универзитети, кои по правило не треба да бидат конкуренција на државните, во услови кога на национално ниво не се применуваат европските стандарди за квалитет, значајно влијаат на неговото опаѓање во целина.
Од друга страна, ние мора да бидеме партнер на државата во носењето на странски инвестиции во науката (кажано со истиот жаргон што секојдневно го слушаме за стопанството). Во овој момент, Македонија има одвоено средства за членарина во скоро сите значајни европски проектни програми, како што се Horizon Europe, Life+, EUREKA, Digital Europe, ERASMUS и други, кои се враќаат само со неколку проекти на годишно ниво. Но европските средства кои реално ќе овозможат конкурентност на нашата наука и образование на меѓународно ниво, добиени преку проекти, треба да бидат најмалку сто пати повеќе.
На пример, во последните 5 години бројот на трудови индексирани во базата на SCOPUS на УКИМ изнесува помеѓу 558 и 591, што е двојно помалку од бројот потребен за негово подигнување на ранг листите. Никако не смее да се изземе и улогата на државата во овој процес, со донесување на клучни системски одлуки. Ослободувањето на проектите од трезорското работење значително ќе го намали администрирањето и доцнењето во реализација на набавките. Да се овозможи вработување на асистенти и административно-технички персонал барем на секое ослободено место со пензионирање, но и создавање законска можност за вработување на млади истражувачи на проекти. Особено е значајно да се мотивираат тимовите со доделување национална поддршка за оние европски проекти што се оценети високо над границата, а сепак не се финансирани и на тој начин ќе можат со зголемена меѓународна активност да ги подобрат и реплицираат. И секако, организирање на настани со странски експерти кои ќе помогнат при подготовката на нови проекти.
Тоа се прави во сите земји кои донеле национална одлука за да имаат универзитет на Шангајската листа. Треба само да ги следиме искуствата од соседството и веќе сме на прав пат. Но за жал таква консензуална одлука помеѓу државата и универзитетите, кај нас сè уште не е донесена.
Проф. д-р Христина Спасевска, редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)