Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство (ВЈП) во Белград Ненад Стефановиќ и неговите соработници денеска го примија оштетениот Ѓуро Раца, татко на Горанка Раца, која загина во уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
По тој повод, како што соопштија од Јавното обвинителство, оштетениот поднесе кривична пријава против непознато лице за сторено кривично дело „тероризам“, бидејќи смета дека уривањето на настрешницата на 01.11.2024 година на Железничката станица во Нови Сад е чин на тероризам.
Заедно со кривичната пријава, Раца достави и одредени информации до обвинителството за да ги поткрепи своите тврдења, по што Вишото јавно обвинителство во Белград отвори предмет.
Јавното обвинителство во Белград предметот ќе го достави за надлежност и понатамошно постапување на Јавното обвинителство за организиран криминал, како надлежен орган за гонење на пријавеното кривично дело тероризам, имајќи ги предвид одредбите од Законот за организација и надлежност на државните органи за сузбивање на организиран криминал и корупција.