Вкупно 19 грчки трговски ознаки го содржат терминот „Македонија” или „македонско/а/и

Комисијата за трговските ознаки меѓу Северна Македонија и Грција што треба да се формира во текот на оваа година, согласно Договорот од Преспа, предвидува дијалог меѓу бизнис заедниците, а не билатерален меѓудржавен дијалог, рече генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи од Министерството за економија и развој на Грција, Димитрис Авлонитис .

Тој објасни дека претставници на бизнис заедниците од двете земји, прво ќе се сретнат, за да ја регистрираат актуелната ситуација, да видат дали постојат проблеми, а потоа да најдат заемно прифатливи решенија за употребата на географските термини во трговските ознаки .

-Треба да потенцираме дека договорот е целосно компатибилен со европските и меѓународните правила за регистрација на трговска сопственост и имиња, односно не вметнува никаква отстапува ниту од меѓународното право и Договорот од Мадрид ниту од европското право кое е во надлежност на Европската канцеларија за интелектуална сопственост, рече Авлонитис.

На средбата со новинарите, генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи истакна дека во Европската канцеларија за регистрација на трговски ознаки, регистрирани се вкупно 19 грчки трговски ознаки што го содржат терминот „Македонија” или „македонско/а/и”, додека пак од нашата земја нема ниту едно барање за регистрација.

Меѓу 19 различни обезбедени ознаки, неодамна била регистрирана е и „Македонската новинска агенција“, односно делот од грчката новинска агенција со седиште во Солун.

Извор: ТВ21