Владата го скрои буџетот за 2026: Повеќе пари за пензии и плати, но кратење од 7 милијарди денари за капитални проекти

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, кој во Собранието ќе го брани министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Новиот буџет проектира вкупни расходи од 414,2 милијарди денари и вкупни приходи од 374,9 милијарди денари.

Она што е веднаш воочливо е дека додека буџетот обезбедува значителен раст на средствата за социјална стабилност, пред сѐ за пензии и плати во јавниот сектор, тој истовремено предвидува и значително намалување на средствата наменети за капитални инвестиции за повеќе од 7 милијарди денари во споредба со планот за 2025 година.

Приоритет на социјалните трансфери

На расходната страна, најголем раст бележат социјалните трансфери. За пензии се планирани 116,8 милијарди денари , што претставува зголемување за 10,3 милијарди денари или 9,7% во однос на буџетот за 2025 година. Овој раст ги вклучува ефектите од веќе реализираните покачувања и дополнителниот пораст согласно постојното законско решение за усогласување.

Зголемување има и кај ставката за плати и надоместоци, која е проектирана на 52,6 милијарди денари. Ова претставува раст од 7,0% или 3,4 милијарди денари во однос на 2025 година , што се базира на постојната законска регулатива и веќе склучените колективни договори. Владата најавува дека новите вработувања ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции.

„Реално планирање“ или кратење на капиталните проекти?

Наспроти растот на платите и пензиите, најголемото кратење е забележано кај капиталните расходи. За оваа намена се планирани 40,2 милијарди денари , што е за 7,14 милијарди денари (или -15,1%) пониско од сумата предвидена во буџетот за 2025 година, кога таа изнесуваше 47,35 милијарди денари.

Во образложението, од Владата велат дека овој потег е направен „врз основа на реално планирање на капиталните расходи, а во насока на навремено реализирање на проектите“.

И покрај намалувањето, во буџетот се предвидени средства за клучните инфраструктурни проекти, вклучувајќи ги автопатските делници од Коридорот 8 (Кичево-Букојчани, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани) и Коридорот 10д (Прилеп-Битола) , како и изградбата на автопатот Скопје-Блаце и продолжување на изградбата на железничката пруга кон Бугарија.

Оптимистички проекции и дефицит од 3,5%

Целиот буџет се темели на оптимистички макроекономски проекции. Владата предвидува забрзување на економскиот раст на 3,8% од БДП , што ќе биде поттикнат главно од растот на бруто-инвестициите (8,4%) и приватната потрошувачка (2,6%).

Се очекува и значително смирување на цените, со проектирана стапка на инфлација од 2,5%.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 39,2 милијарди денари, или 3,5% од БДП. Владата признава дека ова е „незначително отстапување од 0,5%“ од воспоставеното фискално правило, оправдувајќи го со потребите за финансирање на обврските од членството во НАТО, модернизација на сообраќајната инфраструктура и локални проекти.

На приходната страна, Владата не најавува нови даноци, туку се фокусира на подобра наплата преку формализација на неформалната економија и дигитализација, пред сѐ преку воведување на системот за е-фактура.

Година на голема отплата на долгови

Буџетот за 2026 година ќе биде сериозно оптоварен од обврските за враќање на стари долгови. Предвидена е отплата на вкупно 74,8 милијарди денари. Клучна ставка за отплата е еврообврзницата издадена во 2020 година, во износ од 43,1 милијарди денари.

За да го покрие дефицитот и да ги врати старите долгови, државата планира да се задолжи вкупно 120,6 милијарди денари, од кои 85 милијарди денари ќе бидат обезбедени од странство, вклучително и преку издавање на нова еврообврзница.