Владата ќе именува повереници кои привремено ќе раководат со општините каде што не беа избрани градоначалници на локалните избори, но дури откако Државната изборна комисија (ДИК) официјално ќе го заврши изборниот процес и ќе достави информација.
Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој додаде дека сè уште не се водени разговори со коалициските партнери за конкретни персонални имиња кои ќе бидат назначени.
Премиерот го појасни и правниот процес што следува:
„Прво треба ДИК официјално да ги заврши изборите, па да ја информира Владата. Тоа очекувам дека ќе се случи следната недела. И потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа, а потоа ДИК да го информира Собранието за да тоа во рок од 60 дена одржи нови избори во тие општини во коишто беа неуспешни“, рече Мицкоски.
Тој го истакна клучниот момент за повтореното гласање: „Тогаш веќе нема услов цензус, оној цензус за излезност“.
Премиерот додаде дека очекува во текот на следната недела, кога ќе го добијат известувањето од ДИК, да седнат со коалициските партнери и да ги предложат имињата за повереници.
Повторени избори за градоначалници ќе се одржат во општините Гостивар, Маврово и Ростуша, Центар Жупа и Врапчиште. Во овие општини изборите беа неуспешни бидејќи не беше исполнет законскиот услов за излезност од најмалку една третина од вкупниот број на избирачи запишани во Избирачкиот список.