Владата набавува 150 електрични автобуси: Николоски најави модернизација на јавниот превоз во Скопје и во општините

Проблемот со јавниот превоз и загадувањето во поголемите градови низ државата ќе се решава преку масовна набавка на еколошки возила. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, потврди дека постапката за набавка на 150 електрични автобуси е во завршна фаза.

Оваа инвестиција е дел од пошироката стратегија на Владата за децентрализација и поддршка на општините, за што во 2025 година се предвидени рекордни 250 милиони евра.

„Постапката за набавка на 150 електрични автобуси е при крај и моментално е во жалбена фаза. Планот е јасен: градот Скопје ќе добие 100 нови електрични автобуси, додека останатите 50 автобуси ќе бидат распределени низ општините во внатрешноста кои веќе имаат организиран јавен превоз. Ова е директен одговор на барањата на граѓаните за подобра поврзаност и почист воздух,“ истакна Николоски.

Министерот појасни дека ова е само еден сегмент од поддршката за локалните самоуправи. Тој нагласи дека Владата е фокусирана на надминување на децениското неинвестирање во градовите надвор од главниот град.

„Оваа влада е првата што дава толку сериозни средства за општините. Почнавме со 100 милиони евра во 2024 година, а следната година таа сума ќе изнесува 250 милиони евра. Сакаме секој град, од Битола и Кичево до Кочани и Велес, да ја почувствува промената. Покрај автобусите, размислуваме и за воведување субвенции за граѓаните за набавка на електрични автомобили, бидејќи тоа е иднината кон која се движиме,“ изјави вицепремиерот.

Николоски заклучи дека со новите автобуси и подобрената патна и железничка инфраструктура, Македонија ќе добие „комплетно нова приказна“ во делот на мобилноста и квалитетот на животот на граѓаните.