Владата објави нов дизајн на веб страницата, додека читате новости ја слушате химната, а може да испратите и ваша идеја!

Владата на Македонија го освежи изгледот на својата официјална веб-страница, која има целосно нов дизајн и современ визуелен идентитет. Новина е и тоа што додека посетителите ја разгледуваат страницата, во позадина се слуша државната химна.

Како и досега, и оваа власт веднаш по доаѓањето направи промени во изгледот на владината страница, со цел да ја направи „попрегледна, пофункционална и поблиска до граѓаните“, како што се наведува во објаснувањето на веб-страницата.

Освен новиот дизајн, Владата отвори и дел наречен „Твоја идеја“, каде што секој граѓанин може да сподели свои предлози и иницијативи.

„Ништо не се менува ако идејата остане несподелена. Дозволете ни да ја чуеме. Испратете ја вашата идеја за да ѝ дадеме шанса да се реализира! Гласот на секој човек е важен, особено кога носи со себе визија“, стои во пораката објавена на новата платформа.

Со оваа иницијатива, Владата најавува поголема отвореност и директна комуникација со граѓаните, кои, според најавите, ќе имаат можност нивните идеи да бидат разгледани и потенцијално спроведени во пракса.