Владата призна! Инфлацијата во 2025 година ќе биде 3,9%, а не 2,8%

И Владата ја корегираше прогнозата за инфлација за 2025 година. Наместо досегашната проектирана стапка од 2,8%, Владата сега предвидува инфлација од 3,9%.

Оваа нова прогноза во нагорна линија е соопштена во предлог-Буџетот за 2026 година, иако до неодамна најавите од владиниот врв беа дека 2025 година ќе заврши со инфлација под 3%.

„Последните два месеци (август и септември) упатуваат на постепена стабилизација и веќе два месеци по ред инфлацијата регистрира забавување на растот. Оттаму, согласно остварувањата во текот на годината проекцијата за инфлацијата е нагорно ревидирана и се очекува просечно да изнесува 3,9% во 2025 година“, се наведува во образложението на Буџетот за 2026.

Народната банка, исто така, неодамна ја ревидираше својата проекција од 3% на 3,9%.

„Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9 %, во просек… Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5 % во 2026 година и 2,0 % на среден рок“, соопшти неодамна гувернерот Трајко Славески.

„Во текот на 2026 година стапката на инфлација се очекува да продолжи по надолниот тренд… и е проектирана на ниво од 2,5%“, се наведува во Буџетот за 2026-та.