Македонија

Владата утврди предлог-закон за признавање на родов идентитет на трансродовите лица

Владата на Северна Македонија на вчерашната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.

Покрај оваа одлука, од Владата соопштија и дека бил утврден и текстот на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој доаѓа од потребата од воведување на целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците.

„При изготвување на новото законско решение беа земени предвид стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската Комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата во чиј фокус се развојот на дигиталните вештини на учениците, креирањето и употребата на дигитални наставни материјали, развојот на едукативни платформи, развојот на дигиталните вештини на наставниците и трансформацијата на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес“, соопштија од Владата.

Владините служби соопштија дека била усвоена и информацијата за формирање регионални центри за Ковид-19 вакцинација и го задолжиле Министерството за здравство, во соработка со Министерството за образование и наука и општините Битола, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Куманово, да го координира спроведувањето на неопходните активности за формирање на пунктовите по примерот на пунктот организиран во спортската сала „Борис Трајковски“ во  Скопје.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни