ВЛЕН со „ладен туш“ за ДУИ во Кичево, бараат гласачите сами да одлучат

Иако првично најави обединување и поддршка за албанските кандидати во вториот круг, коалицијата ВЛЕН го смени ставот за клучната битка во Кичево и порача дека граѓаните на оваа општина сами треба да ја донесат одлуката. Овој пресврт доаѓа по изјавата на Билал Касами за албанска телевизија дека ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, но и по реакцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој побара „почит“ за жртвите што ги направила неговата партија.

На 20 октомври, во гостување на телевизија Сири во Албанија, на директно прашање дали ќе го поддржи кандидатот на ДУИ во Кичево, Билал Касами одговори: „Се разбира, бидејќи во Кичево нашиот кандидат не помина“. Тој тогаш изрази надеж дека и ДУИ ќе возврати со иста мерка и ќе ги поддржи кандидатите на ВЛЕН во Брвеница и Долнени, каде што тие се во трка со ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, по оваа изјава, од коалицијата ВЛЕН излегоа со ново, поинакво соопштение во кое јасно се оградуваат од поддршка за кандидатот на НАИ (ДУИ) во Кичево. „По објавувањето на компромитирачките материјали, коалицијата ВЛЕН побара повлекување на кандидатот на НАИ од трката, за да се заштити достоинството на процесот. Но тој избра да продолжи… За коалицијата ВЛEN, како што имаме кажано, јавниот морал не се преговара. Затоа, сега судот треба да го донесат самите кичевчани“, се вели во соопштението на ВЛЕН.

Ваквиот развој на настаните следува и откако премиерот Мицкоски изјави дека неговата партија направила жртви во неколку општини поддржувајќи кандидати од други партии, и за возврат побарал само почит, која, како што рече, не ја добил.

Самиот Билал Касами, пак, на прашањата од домашните медиуми за поддршката во вториот круг, даде воздржан одговор, велејќи дека останува фокусиран само на сопствената трка за Тетово.

Вториот круг од локалните избори, во кој ќе се гласа во 31 општина, ќе се одржи на 2 ноември.