ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска – Димитров: Никој не смее да го спори идентитетот

Македонскиот јазик е влезен во нашата лична карта, но и во документите и комуникацијата што Европската унија ја има со нас и со земјите членки, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Оттука, нагласи тој, правото на самоопределување во 21 век не може да доаѓа од земја членка на Европската унија. Потсети дека одлуката Македонија да ги почне пристапните преговори во март годинава беше безусловна и оттука логично е да биде одржана Меѓувладината конференција.

„Ќе биде исклучително тешко а можеби и поразително за целиот регион и политиката на Европската унија кон Западниот Балкан, ако идентитетските прашања станат пречка. Апсолутно во овој момент не може да се исклучи дека нема да има Меѓувладина конференција кон крајот на оваа година меѓутоа ако причината за тоа е македонскиот јазик јас сум апсолутно океј со тоа“, истакна Никола Димитров.

Димитров истакна дека во комуникацијата со другите земји членки добиваме целосно разбирање, а Германија како земја претседавач има јасна позиција дека приоритет е Македонија да ги почне преговорите. Тој рече и дека наредниот период ќе има засилени дипломатски напори за да се најде излез од оваа ситуација. Бугарскиот министер за одбрана пак Красимир Каракачанов во интервју за бугарски медиум истакна дека Германија врши притисок врз Бугарија да не го попречуваат стартот на преговорите.

„Притискаат некои држави кои што не можат да влезат во суштината на спорот. Тоа се луѓе од различни националности, гледам дека сега во време на германското претседателство има голем интерес за една од двете балкански држави да биде впишана како успех на германското претседателство“, посочи Красимир Каракачанов.

За отворените прашања со Бугарија, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски не очекува дека ќе бидеме блокирани за почеток на преговорите, но за ова побара лидерска средба.

„Како ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваме сите релевантни политички лидери да седнеме на една лидерска средба и да поразговараме за сите актуелни а крупни политички прашања кои што треба да ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава“, вели Христијан Мицкоски.

Вчера заврши дводневната средба на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања на која не беше постигнат некаков напредок. Прашањето за Гоце Делчев и натаму остана отворено, а единство мал напредок има во забелешките за учебниците. Но, вицепремиерот Димитров не смета дека состанокот беше неуспешен туку дека комисијата работи продуктивни, бидејќи како што истакна вакви спорови според искуствата на други земји траат со децении.

.

Извор: ТВ21