Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение велат дека тие како партија нема да прифатат договор со Бугарија, кој би бил штетен за Македонија.
„Премногу е предавства од владата на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати договор со Бугарија, кој е штетен за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати договор со Бугарија кој е на штета на македонските позиции, владата нема легитимитет да преговара. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати договор во кој нема да учествува како најголема политичка партија во Македонија. Преговорите не смеат да се водат на штета на македонските интереси, јазик, идентитет и историја. Бугарија треба да покаже европски вредности, и да го тргне ветото, за Македонија без одложување да ги почне преговорите со ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму ја повикуваат јавноста на протест за промени.
„СДСМ не знае како да ја води државата. Со СДСМ Македонија ниже само понижувања. Премногу е! Протест за промени на 18-ти јуни во 20 часот пред влада“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак денеска преку соопштение велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски застанал против Резолуцијата за македонските позиции во однос на Бугарија.
„Со своето недржавничко однесување Христијан Мицкоски ја погази и застана против Резолуцијата за македонските позиции во однос на блоката од страна на Бугарија. Во Резолуцијата за македонските позиции, под број 4, се бара продолжување на европските интеграции со „уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите“. На ниту едно место во оваа резолуција не стои дека Северна Македонија нема исполнето некој критериум за членство. Напротив, дури и во името на самата Резолуција е создржана суштината, дека се однесува на блокадите на нашата интеграција во ЕУ, од страна на Бугарија“, пишуваат од СДСМ.
Од таму се додава дека сосема спротивно од Резолуцијата за македонските позиции, Мицкоски на Конгрес на ЕПП прифатил Резолуција каде во еден дел е вграден ставот на Бугарија.
„Тоа е тврдењето во дел од Резолуцијата на ЕПП дека не сме ги почнале преговорите со ЕУ затоа што не биле „постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија.“ Зошто Мицкоски прифатил усовјување Резолуција од ЕПП со ставови на Бугарија, спротивно на македонските позиции и македонската Резолуција, усовоена во нашето Собрание? Очигледно свесно и намерно“, порачуваат од СДСМ.