Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со реакција во врска со актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, во која изразува разбирање за нејзината лична состојба, признава дека направиле грешка во проценката кога ја поддржале и најавува детална ревизија на нејзиното работење по завршувањето на мандатот.
Од партијата наведуваат дека нема да го коментираат однесувањето на Арсовска, за кое велат дека, според експерти што ги консултирале, е „надвор од нејзината волја и посилно од нејзе“. Тие ѝ посакаа добро здравје и брзо опоравување од „работите кои ја оптоваруваат“.
„Иако ова однесување не доликува на дама, овие зборови, пцовки и изливи на емоции не се нормални, ги повикуваме сепак граѓаните да не ја судат за ова. Нејзиното неработење и грешки како градоначалник се едно, а ваквите изблици на емоции… се сосема друга работа“, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека градоначалничката функција очигледно била „преголем товар“ за Арсовска и дека таа „не се снајде“, правејќи грешки, не работејќи и создавајќи тензии, вклучително и соработка со „најголемите бандити и криминалци од ДУИ“.
Партијата отворено признава дека направила грешка во проценката за неа, водени од најдобри намери за Скопје. „За што жалиме и извлекуваме поука, но ваква грешка нема да се повтори и Скопје го чекаат многу проекти, многу работа и многу заеднички успеси“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот, од партијата најавуваат дека по завршувањето на мандатот на Арсовска, во Град Скопје ќе биде спроведена детална ревизија на работењето „со која ќе види јавноста а и институциите кои се вистинските причини за некои работи, настани и нечие однесување“.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска упати остри критики кон Владата и премиерот, обвинувајќи за брзо протекување на снимки од безбедносните камери на Владата во јавноста и сугерирајќи дека слушнала за наводна планирана акција против Општина Чаир и поранешниот градоначалник Висар Ганиу.
Во својата објава, Арсовска директно му се обрати на премиерот, алудирајќи на министерот за внатрешни работи. „Премиере, не ви функционира Владата, кажи му на Луке дека СНИМКИ ОД БЕЗБЕДНОСНИТЕ КАМЕРИ на Влада ви се објавуваат во јавност ултра брзо“, напиша таа. Арсовска тврди дека протекувањето на снимките од нејзината посета на Владата покажува кои медиуми се „платени“ од власта.
Градоначалничката потоа изнесе тврдење дека добила информација за наводна голема координирана акција. „Слушнав денес ќе имало организирана акција на МВР, Финансиска полиција и Обвинителство, ќе упаѓале во општина Чаир и кај Висар Вики Ганиу дома за криминалите вредни над 225 милиони евра со перење пари и легализирање“, наведе Арсовска.
Поради ова, како што пишува, таа отишла до Владата, седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и Финансиската полиција „да го види тоа чудо како решиле да се борат со криминалот“, но, според нејзините зборови, ѝ било кажано дека сите се на партиски состанок и дека не се работи за акција во Чаир.