Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, денеска преку прес конференција го прашаа директорот на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, Јон Фрчкоски дали тоа на објавените фотографии во јавноста е бела наркотична супстанца кокаин.
Како што вели, не знаат дали е навистина тоа, но поради јавниот интерес граѓаните заслужуваат одговори.
„Инаку Јон Фрчкоски е синче на Љубомир Фрчкоски, поранешен министер во владите на СДС, несуден дипломат и еден од татковците на криминалната транзиција. Неговото синче пак, Јон Фрчкоски, на прес-конференции тврдеше дека селективна правда е неправда за случајот во Кочани. Бидејќи тоа е точна констатација со која се согласуваме, јавно го прашуваме Јон Фрчкоски дали тоа што користи е наркотична супстанца кокаин? Ако тоа е точно, дали Јон Фрчкоски се дрогира во просториите на СДС или во просториите на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, каде Јон беше помошник директор? Дали Јон Фрчкоски е подготвен да направи јавен нарко тест за утврдување на психотропни супстанци? Кој е ставот на Венко Филипче кој го поставил Јон на ваква позиција? Сведочиме на време во кое размазените синчиња на комунистичката црвена буржоазија, која го создаде трулиот и корумпиран систем, сега без ронка срам и образ злоупотребуваат трагедии, еве што прават во слободно време. Бидејќи селективна правда е неправда, не сакаме да веруваме дека Јон Фрчкоски и Венко Филипче ќе дадат половични одговори. Јавноста бара одговори“, вели Петрушевски.
На ова веднаш им одговори токму Јон Фрчкоски кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ дефокусира и се повлече од функцијата директор на Центарот за истражувања и анализи на СДСМ.
„Ниско и нечовечно е да се дефокусира јавноста за катастрофалниот начин на којшто се води истргата за трагедијата во Кочани во која згаснаа животите на 59 луѓе. Тоа зборува за ДПМНЕ но јас нема да дозволам да бидам месо за јавен линч. За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата којашто ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ. Од морални причини се повлекувам од позицијата Директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ. Фала на семејството и пријателите за поддршката во целава гнасна хајка во која ме втурнаа платениците на ДПМНЕ“, вели Фрчковски.