Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска ги сумираше резултатите од првиот круг на локалните избори, прогласувајќи апсолутна победа со освоени над 300.000 гласови и 550 советнички места низ целата држава. Од партијата проектираат дека доколку овие резултати се пресликаат на парламентарни избори, тие би освоиле над 60 пратенички мандати, додека СДСМ во некои изборни единици би бил дури трета политичка сила.
Според ВМРО-ДПМНЕ, народот го казнил СДСМ, кој на некои места низ државата, вклучително и во Скопје, завршил како трета, четврта, па дури и петта партија по бројот на освоени гласови.
Во споредба со локалните избори во 2021 година, од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека освоиле 12.000 гласа повеќе, додека СДСМ доживеал огромен пад од 111.000 гласа. „Ова е пораз кој најдобро ја отсликува недовербата на граѓаните во нивните промашени политики, неспособно владеење и неквалитетни кадри“, се вели во соопштението.
Партијата тврди дека има најголема поддршка во 59 општини и градот Скопје, како и апсолутно мнозинство во советите во најголем дел од нив. „Тоа значи дека народот избра стабилност, развој и чесни луѓе“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот, од партијата упатија повик до граѓаните за масовна излезност и во вториот круг, со цел да се заокружи и потврди големата победа.