Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ денеска поднесоа Иницијатива до Собранието за формирање Анкетна комисија која ќе ги истражи околностите и постапувањето на институциите во серија трагедии и несреќи во земјава. Како што соопшти на прес-конференција пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, целта е да се утврди одговорност кај функционери, носители на јавни функции и сите други инволвирани лица.
Комисијата ќе ги опфати пожарот во дискотеката во Кочани, трагедијата во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци и несреќата на „Беса транс“ во Бугарија.
Стојаноски информира дека иницијативата е поддржана од 77 пратеници, што, според него, покажува дека намерата не е политизација, туку обезбедување правда за засегнатите.
– Сите прашања мора да добијат одговор, а секој случај да го добие заслужениот епилог – рече Стојаноски.
Анкетната комисија ќе биде формирана согласно член 124 став 5 од Деловникот на Собранието. Таа ќе брои 15 членови и исто толку заменици: седум од ВМРО-ДПМНЕ, по двајца од СДСМ, Европски фронт и Вреди, и по еден од ЗНАМ и Левица. Комисијата треба да ја води претставник од опозициските партии.
Стојаноски нагласи дека форматот на ова тело ја прави иницијативата деловнички исправна и легитимна.
– Комисијата ќе подготви наоди кои ќе бидат основ за поведување постапки против сите кои придонеле или не спречиле вакви трагедии – додаде тој.
Секоја пратеничка група ќе може да предложи листа сведоци и експерти, а присуството на експертите ќе биде задолжително. За секоја трагедија ќе се изработи посебен сет заклучоци, кои ќе се достават до Владата и Јавното обвинителство.
Што се однесува до динамиката, Стојаноски потсети дека Деловникот предвидува рок од 45 дена за комплетирање на работата на комисијата, а 30 дена за изготвување и доставување на извештајот.
Тој ги повика и останатите пратеници да се приклучат кон иницијативата.
Говорејќи за разликата меѓу нивниот и предлогот на СДСМ и Левица, Стојаноски посочи дека клучни се: почитувањето на Деловникот во составот, барањето за утврдување одговорност и фактот што иницијативата ги опфаќа сите трагедии, а не само една.
– Жртвите имаат чувство дека вистинските виновници често не ја носат одговорноста. Нашата цел е системот да се постави така што вакви трагедии да не се повторуваат – нагласи Стојаноски.
Очекувањата се иницијативата да се најде на дневен ред на следната пленарна седница, која треба да се одржи во почетокот на декември.