Во моментов во тек е меѓународна полициска акција за откривање на фалсификувани пари.
Фалсификувањето пари е сложен процес, бидејќи се користат специјални техники, мастила и хартии кои се тешки за копирање.
Освен тоа, оригиналните пари содржат холограмски елементи и различни безбедносни знаци кои помагаат во идентификувањето на нивната автентичност.
Во Македонија во минатото се појавуваа лажни банкноти, а еве како брзо и лесно да ги препознаете:
Фалсификуваната банкнота може да се препознае по основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, којшто се наоѓа на горниот средишен дел на предната страна на банкнотата.
Кај фалсификуваната банкнота, овој елемент воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување под одреден агол, може да се забележи како се менува неговата боја од зелена во сина и се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење.
Втор елемент по кој може да се разликува оргиналот од фалсификатот е заштитниот конец којшто е вметнат меѓу двата слоја хартија со видливи засеци. Со придвижување на банкнотата создава лажен впечаток на делумно менување на боите, но, доколку се набљудува малку повнимателно јасно може да се воочи дека е имитиран:
Исто така, фалсификуваните банкноти може да се препознаат и по водениот печат. Кај фалсификатот е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку се постави банкнотата под извор на светлина.