Внимавајте: Поглед во огледало додека возите може да ве чини 200 евра

Шпанската сообраќајна управа (DGT) воведе строга мерка која предизвика бројни дебати меѓу возачите. Отсега, дури и краткото користење на огледалото вградено во визирот за сонце додека сте зад воланот се казнува со 200 евра и два казнени поени.

Она што за многумина е несвесна навика – поправање на фризурата или шминката додека се чека на семафор – шпанските власти го класифицираат како опасна деконцентрација. Според новите правила, употребата на ова огледало додека моторот е вклучен, без разлика дали возилото е во движење или стои на црвено светло, се третира исто како користење мобилен телефон или навигација.

Зошто е воведена оваа мерка? Официјалните податоци покажуваат дека околу 5 отсто од сообраќајните незгоди во Шпанија се случуваат токму во моменти на ваква краткотрајна невнимателност. Експертите за безбедност предупредуваат дека при брзина од 50 километри на час, само две секунди невнимание значат дека возилото поминува речиси 30 метри без контрола од возачот.

„Доволна е само една секунда погледот да не биде насочен кон патот за да се предизвика опасност која може да биде кобна“, порачуваат од сообраќајната управа.

Совети за возачите Иако многумина ја сметаат мерката за претерана, властите нагласуваат дека целта е превенција, а не полнење на буџетот. Главниот совет до возачите е едноставен: доколку имате потреба да го проверите својот изглед, направете го тоа пред да тргнете или паркирајте го возилото на безбедно место. Визирот треба да служи исклучиво за заштита од сонце и подобра видливост, а не како козметичка масичка.

Овие промени се дел од пошироката кампања за намалување на дефокусираноста кај возачите, која станува еден од водечките предизвикувачи на несреќи на европските патишта.