Во Дебарско само еден случај на ХИВ/СИДА, регистриран пред девет години

Од Општата болница во Дебар потвдуваат дека на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, по првиот случај на ХИВ/СИДА регистриран пред девет години, досега нема регистрирано нов случај на ова заболување.

– Досега имаме регистрирано само еден случај на лице заразено со вирусот на ХИВ/СИДА. Случајот е регитриран во 2009 година. Станува збор за жена, сега е на возраст од 37 години, која е во добра општа состојба, изјави Баки Халили, директор на Општата болница во Дебар, по повод Светскиот ден за борба против сидата.

Дебарската болница, посочува тој, која со својата активност ги покрива двете општини, располага со потребните брзи тестови, кои се бесплатни.

– За жал нема речиси никаков интерес да се направи ваков тест. Врз тоа секако влијание има фактот што сме мала средина, па луѓето побрзо се одлучуваат ваков тест да направат во друг град отколку во Дебар.  Апелирам до граѓаните тоа да го сторат заради сопственото и здравјето на другите, при што гарантирана е целосна тајност, вели Халили.

Според него, на превентивен план, во соработка со општинската организација на Црвен крст, се одржуваат предавања во училиштата но и за граѓаните.

Извор: Сител