Повеќе од 50 луѓе во Демократска Република Конго починале поради непозната болест, пишува Sky News. Повеќе од 400 пациенти се пријавени од избувнувањето во јануари, при што повеќето смртни случаи се случиле во рок од 48 часа од првите симптоми.
Африканската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) објави дека првата епидемија на болеста е откриена во градот Болок, на северозападот на земјата.
Се вели дека три деца изеле лилјак и починале откако развиле симптоми на хеморагична треска. „Во повеќето случаи, смртта настапила во рок од 48 часа од почетокот на симптомите и тоа е она што навистина загрижува“, изјави за Асошиетед прес Серж Нгалебато, директор на болницата Бикоро.
419 случаи, 53 смртни случаи
Болеста избувна на 21 јануари, а досега се регистрирани 419 случаи со 53 починати. Болеста по втор пат е забележана на 9 февруари во градот Бомате.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека примероците од 13 случаи биле испратени на тестирање во Националниот институт за биомедицински истражувања во Киншаса, главниот град на ДР Конго. Сите примероци беа негативни за ебола и други вообичаени хеморагични трески како што е Марбург вирусот, а некои беа позитивни на маларија.
И минатата година, болест слична на грип уби десетици луѓе во друг дел на Конго, што се припишува на маларијата. Научниците долго време изразуваат загриженост за преносот на болести од животните на луѓето во областите каде што се консумираат диви животни. Бројот на вакви болести во Африка е зголемен за повеќе од 60 отсто во последната деценија, објави Светската здравствена организација (СЗО) во 2022 година.