Во Кавадарци дел од учениците беа примени на првиот училишен ден во основните училишта, дел пак беа вратени поради штрајк на наставниците.
И покрај најавата на интернет дека денеска ќе започне наставата, Штрајкувачкиот одбор при ООУ „Тошо Велков Пепето” одлучи да се штрајкува. Присутни беа околу половина од 74 првоодделенци со родители. Директорот Блаже Велков и наставниците ги пречекаа и им кажаа дека наставата почнува утре.
Директорката на ООУ „Гоце Делчев”, Весна Ангеловска прими околу 66 првоодделенци во холот на училиштето, им посака среќен почеток и ги повика утре на настава. Штрајкувачкиот одбор одлучи да нема настава.
-Педесет и пет првоодделенци денеска беа примени во ООУ „Страшо Пинџур”, дел од наставниците штрајкуваа, но сепак учениците беа прифатени од други наставници. Учениците ги добија потребните информации како за прв училишен ден, информираше в.д. директорката Илинка Бакева.
Весна Шошева, директор на ООУ „Димката Ангелов-Габерот” во Кавадарци, рече дека штрајкувачкиот одбор одлучил да се штрајкува, но сепак првоодделенците кои дошле биле примени во холот на училиштето и им било објаснето дека наставата официјално почнува од утре. Овде се запишани 51 ученик во прво одделение.
Како што соопшти директорот на ООУ „Димката Ангелов-Габерот” од село Ваташа, Марјанчо Јанкулов денеска 29 првачиња беа свечено со приредба примени во училиште, а другите наставници го поддржуваат штрајкот.
Наместо во училишна клупа, многу мајки денеска кога треба да започне првиот училишен ден, ги фотографираа своите деца на клупа во парк.
-Многу се радуваше што ќе оди на училиште. Сега не можам да му објаснам зошто не го примија во училиште. Само му реков, утре пак ќе дојдеме. На интернет прочитавме ќе се примаат децата, сега велат не, а губиме од работа, утре пак ќе губиме, изјави еден родител.
Без проблем почна учебната година во ООУ „Тоде Хаџи Тефов”, директорката Марија Трајкова нагласи дека сите ученици се примени во училиштето, а за 73 првоодделенци имаше и свечена програма. Дел од наставниците штрајкувале, но и учениците од класовите кои тие ги водат биле примени од други наставници.