Во куќата на убиецот се пронајдени трите тела во Прилеп – Фрлил бомба кон полицијата пред да се самоубие

Тројно убиство ја потресе Прилеп. Две лица – татко и неговиот 12-годишен син – беа убиени синоќа, а убиецот, нивни роднина, се самоубил.

Според првичните информации, 63-годишен прилепчанец прво го лишил од живот својот 43-годишен внук од сестра и неговото дете. Мотивите се поврзани со семејни недоразбирања и нерасчистени имотни односи.

„Таткото и синот дошле во куќата на вујкото на улицата ‘Стеван Апостолоски’ околу 15 до 16 часот. Освен вујкото, немало други лица во куќата. Претходно, вујкото му ја препишал куќата на внукот. Соседите слушнале истрели околу 22 часот“, изјави јавниот обвинител Стевчо Биноски.

Сопругата на убиениот се загрижила што со часови нема контакт со својот сопруг и син, па повикала полиција. Кога полициските екипи пристигнале, убиецот фрлил бомба кон нив. Таа делумно експлодирала, но за среќа, никој не бил повреден.

„Поради ризикот, беше повикана специјалната единица ‘Тигри’. Тие околу еден часот по полноќ влегоа во куќата и ги пронајдоа трите мртви тела“, додаде Биноски.

Наредена е обдукција на телата, а истрагата продолжува за да се утврдат сите околности за трагедијата која ги шокираше прилепчани.