Македонија

Во мај Македонија ја посетиле над 131.000 туристи, најмногу од Турција

Во мај Македонија ја посетиле над 131.000 туристи, најмногу од Турција

Туристичкиот сектор во Македонија и натаму бележи позитивни резултати благодарение на зголемениот број странски посетители. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во мај годинава во земјава престојувале над 131 илјада туристи, при што најголемиот дел биле странски државјани.

Според статистиката, во текот на мај се регистрирани вкупно 131.723 туристи, од кои 106.756 биле странски, а 24.967 домашни гости.

Во истиот период се реализирани 236.727 ноќевања. Од нив, 75,8 проценти ги оствариле странските туристи, додека 24,2 проценти се однесуваат на домашните посетители.

Податоците за првите пет месеци од 2026 година покажуваат умерен раст на туристичкиот промет во споредба со истиот период лани. Вкупниот број туристи е зголемен за 2,6 проценти. Притоа, бројот на домашните туристи е намален за 4,4 проценти, додека странските посетители бележат раст од 4,9 проценти.

Сличен тренд е забележан и кај ноќевањата. Во периодот јануари – мај 2026 година, нивниот вкупен број е зголемен за еден процент. Кај домашните туристи е регистриран пад од 4,1 процент, а кај странските раст од 3,3 проценти.

Најмногу странски туристи во мај пристигнале од Турција – 34.681, по што следуваат Германија со 9.578 посетители, Србија со 7.605 и Бугарија со 4.858 туристи. Статистичките податоци укажуваат дека токму странските гости и натаму се главниот двигател на растот на туризмот во земјава.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни