Во Македонија во периодот 2020 – 2023 година загинале над 450 лица во сообраќајни незгоди

Мерките и активностите на надлежните институции, иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста на патиштата, не се доволно ефикасни за намалување на бројот на жртви во сообраќајните незгоди. Ова го покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“.

Според јавно достапните податоци на МВР, во периодот 2020 – 2023 година се случиле 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 со потешки последици, а загинале 457 лица.

Ревизорите посочуваат дека, и покрај преземените активности, институциите не постигнале посакувано ниво на безбедност, ниту на национално, ниту на европско ниво.

Последната Национална стратегија за безбедност на патиштата опфаќала период 2015 – 2020, но не постои извештај за реализација, ниту анализа на нејзините ефекти. Целите на стратегијата, како што е намалување на жртви и сериозно повредени, не се постигнати. Во 2020 година:

  • бројот на жртви не е намален до просекот на ЕУ, бројот на сериозно повредени лица (801) не е намален за 40% во однос на 2009 (985),
  • целта за нула деца-жртви не е остварена – загинале 8 деца,
  • нема дефиниција за категоријата „млад возач“, што ја прави една од целите немерлива.

ДЗР утврдил дека по 2020 година не е донесена нова национална стратегија, а политиките за безбедност се имплементираат преку други документи.

Националната транспортна стратегија 2018 – 2030, финансирана со 210.000 евра преку ИПА 1, и Стратегијата за интелигентни транспортни системи 2023 – 2032 (финансирана со заем од Светска банка), не ги даваат очекуваните резултати. Ревизорите констатираат бавна реализација на активностите, пролонгирани рокови, неефикасно користење на средства и нови трошоци.

Иако Владата има законска обврска да донесе Стратегија за развој и одржување на државните патишта, тоа не е сторено од 2008 година досега.

МВР поседува база за евиденција на сообраќајни незгоди, но таа не е целосно усогласена со европскиот CADaS протокол – недостигаат географски координати. Поради тоа и ограничувања во апликациите, МВР не може целосно да ги користи податоците за планирање нови мерки.

Најчестите прекршоци во периодот 2019 – 2023 биле: брзо возење, поминување на црвено, неправилно престигнување и недавање првенство. Најмногу незгоди се случиле на територија на СВР Скопје (41%).

Регистарот на возила не е воспоставен, иако е законски предвиден, бидејќи недостига подзаконски акт. Системот „Safe City“, иако е функционален, не се користи за казнување поради неусогласена регулатива.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), иако има надлежности за безбедност на инфраструктурата, сè уште работи со ограничени капацитети. Светска банка во 2014 одобри заем од 52 милиони евра за подобрување на патиштата и нивна поврзаност со европските коридори.

РСБСП редовно спроведува едукативни кампањи, но не врши мерење на нивниот ефект. Од 2019 до 2024 година неколку технички станици уплатиле 2 милиони денари помалку кон буџетот на Советот, што претставува ризик за застарување на побарувањата.

Во 2020 година, Генералниот секретаријат на Владата набавил софтвер и опрема вредни 7,3 милиони денари за безбедност во сообраќајот, но тие сè уште не се користат.

Проектот за поврзување на локалните патишта, воден од Министерството за транспорт, доцни со имплементацијата. Извештајот и акцискиот план, подготвени во март 2023, биле доставени дури во декември 2024 – 20 месеци подоцна.

Анализите од ангажирани експерти покажале дека голем дел од патиштата се небезбедни – има недоволна сигнализација, лошо одржување и ризични делници.

И покрај воспоставени механизми за известување и преземени активности, мониторингот и евалуацијата се слаби или отсутни. Институциите не ги мерат ефектите од спроведените мерки, што спречува навремена корекција на слабостите во системот за сообраќајна безбедност.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното