Во Охрид откриени девет нелегални рибарски мрежи – запленети 46,6 килограми риба

Државниот инспекторат за земјоделство, во соработка со ПС за граничен надзор „Охридско Езеро“ (Езерска полиција), спроведе засилен заеднички надзор со цел заштита на рибниот фонд за време на периодот на природен мрест.

Во текот на контролите на потегот од поранешната Детска болница до хотел „Метропол“, инспекциските служби открија и одзедоа вкупно девет (9) нелегално поставени рибарски мрежи. Од нив беа извадени 343 единки охридска белвица и 36 единки клен, со вкупна тежина од 46.6 килограми.

Одземените мрежи и рибниот улов, согласно законските процедури, ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

Потсетуваме дека периодот на забрана за лов на охридска белвица и охридска пастрмка трае од 1 декември до 28 февруари, поради што контролите ќе продолжат со несмален интензитет. Институциите и понатаму ќе преземаат координирани мерки за заштита и обновување на автохтониот рибен фонд во Охридското Езеро.