„Дури и да не била издадена првата лиценца пред 13 години, тоа воопшто не би го спречило ’Пулс‘ да работи без лиценца, како што всушност и работел во последната година пред трагедијата.“
Со овој силен правен аргумент, адвокатката Тања Попоски Буловски, дел од тимот на одбраната на екс-министерот Ваљон Сараќини, ја нападна теоријата на Обвинителството за „долгорочен каузалитет“.
Одбраната се повика на реформите од 2008 година („Регулаторна гилотина“), според кои Министерството за економија проверувало само формална исполнетост (дали има документи), додека за вистинитоста и материјалните услови (дали објектот е безбеден) биле надлежни Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и самиот барател кој под кривична одговорност тврдел дека податоците се точни.
„Министерството немало основ да не ја издаде лиценцата во 2012 година, бидејќи инспекторката Блашка Ефтимова претходно излегла на терен и со записник потврдила дека условите се исполнети,“ истакна адвокатката.
Клучната теза на одбраната е латинската максима: „In iure non remota causa sed proxima spectatur“ (Во правото се гледа непосредната, а не далечната причина). Според Сараќини:
- Лиценцата од 2012 траела само една година и одамна истекла.
- Лиценцата не дозволувала објектот да биде дискотека (туку кабаре), не дозволувала прекумерен број гости, ниту употреба на пиротехника.
- Во последната година пред пожарот, објектот воопшто немал валидна лиценца, што докажува дека „хартијата“ од 2012 година не е причината за работењето на клубот, ниту за пожарот.
„Да се бара одговорност за настани кои поединец не можел да ги предвиди пред 13 години води кон правен апсурд,“ заклучи одбраната.