Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, заедно со стручни лица од Агенцијата, оваа недела одржаа работни состаноци со Министерот за локална самоуправа Златко Перински и со Градоначалникот на Град Скопје и Претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевки. На состаноците се разговараше за актуелни прашања од надлежност на АХВ и локалните самоуправи, за чие решавање е потребна заедничка соработка на институциите.
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС ја дадоа целосната поддршка на АХВ за решавање на постоечкиот проблем и за потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините.
„Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата труповите на милениците по смртта да не се фрлаат со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации. За таа цел ќе треба да се направат и соодветни законски измени“, рече Министерот Перински.
Претстои дефинирање на локации во општините за изградба на гробишта за миленици и планирање на потребната инфраструктура, појасни Ѓорѓиевки, истакнувајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата. Тој исто така изрази подготвеност за помош на АХВ во решавањето на проблемот со бездомните кучиња, преку вклучување на општинските инспектори и комунални редари.
На состаноците акцент беше ставен и на предложените мерки за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа. Овие предлози добија поддршка и од Министерот Перински и од Градоначалникот Ѓорѓиевки, со ветување дека локалните самоуправи активно ќе се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени.
Директорот на АХВ, Миланов, истакна дека во предлог-законските измени се веќе вклучени забелешките и предлозите од здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а ќе се земат предвид и предлозите од општините.
„Како одговорна институција за здравствената заштита и благосостојбата на животните, АХВ ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне во решавањето на техничките прашања при воспоставување на системот за контрола на популацијата на бездомни кучиња, согласно можностите, надлежноста и овластувањата на Агенцијата“, заклучи директорот Миланов.
