Стабилното и топло време во следните денови ќе биде нарушено во попладневните часови, кога на повеќе места се очекува развој на нестабилност и појава на локално невреме. УХМР најавува пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално постои можност и за појава на град.
Во среда и четврток времето ќе биде претежно сончево и топло, но попладне атмосферата ќе стане нестабилна. Поради големата енергија во атмосферата, на одделни места временските процеси може да прераснат во невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.
Нестабилноста ќе биде можна и во Скопје. И во главниот град во среда и четврток ќе преовладува сончево и топло време, но во попладневните часови се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
УХМР предупредува дека во одделни делови од Скопската Котлина процесите може да бидат поинтензивни и да добијат карактер на невреме, со пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.
Се препорачува граѓаните во попладневните часови да бидат внимателни и да ги следат најновите информации и предупредувања од надлежните институции.