„Во судница фалат луѓе“: Екс-градоначалникот Димитровски пријавил за „Пулс“ уште пред да се отвори, но државата молчела

„Во оваа судница недостасуваат голем број на лица кои треба да се обвинети.“

Со оваа реченица, Ангела Соколова, адвокатка на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, започна да ја гради тезата дека нејзиниот клиент е жртвено јагне за туѓи пропусти.

Одбраната изнесе клучен доказ во своја корист – тврдењето дека Димитровски реагирал институционално уште на самиот почеток. „Ратко Димитровски напишал барање за утврдување на минимално-технички услови уште пред отпочнувањето на дискотеката ’Пулс‘. Тој никогаш не го повлекол тоа барање,“ истакна адвокатката.

Таа го постави прашањето до државните органи: „Зошто тоа барање останало нереализирано? Зошто системот дозволил клубот да продолжи да работи и го занемарил барањето на Ратко?“

Одбраната правно се повикува на ненадлежност. Според нив, отворањето на дискотека или кабаре не е во надлежност на градоначалникот, туку на централната власт (Министерство за економија). „Преземени се сите дејствија, дури и оние кои не се предвидени за еден градоначалник. Со ваквите известувања од Општина Кочани се елиминираат сите кривични дела кои му се ставаат на товар,“ заклучи одбраната.

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ РАТКО ДИМИТРОВСКИ?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Ратко Димитровски (69), кој беше градоначалник на Кочани во периодот од 01.11.2009 до 25.10.2017 година , се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Обвинителството го товари за следново:

  • Непочитување на ДУП-от: Знаел дека „Пулс“ е во зона за лесна индустрија, а не за угостителство, но не презел дејствија за затворање на објектот .
  • Институционална пасивност: Не им наредил на општинските инспектори да спроведат надзор и не изготвил годишни планови за инспекција засновани на ризик, иако знаел дека таму се собираат многу луѓе .
  • Неизвестување: Никогаш не ги известил МВР, ДЗС или Пазарниот инспекторат дека објектот работи незаконски без употребна дозвола .
  • Финансиски интерес на општината: Овозможил наплаќање на комунални такси од „Пулс“ (4.000 евра), од кои половина оделе во општинската каса, иако објектот работел спротивно на намената .