Во трагедијата во Нови Сад загина македонскиот научник Васко Саздовски

Научник од Македонија, кој работел на Институтот „Биосенс“ е меѓу жртвите во трагедијата во Нови Сад. Според информациите кои ги објави „Политика“, станува збор за 45 годишниот Васко Саздовски. Тој работел на институтот во Нови Сад кој истражува и развива информатички технологии за земјоделството. Информациите за „Политика“ ги потврдил и директорот на научниот институт Владимир Црнојевиќ.

Според колегите на Саздовски, Васко работел тука нешто повеќе од една година, во центарот за сензорски технологии, а речиси секој викенд го поминувал дома во Македонија, поточно во Свети Николе, каде што живеат неговата сопруга и двете деца. На патувањето за дома, тргнал на трагичниот петок, 1 ноември.

Во Нови Сад, од 2 ноември, е тридневна жалост за смртта на 14-те лица кои загинаа. Жителите на Нови Сад, од рано утринава палат свеќи пред местото каде што се случи трагедијата.

„Многу лошо, јас живеам тука во близина. Вчера се слушна тој силен удар. Прозорците се тресеа. Во тој момент не знаевме што се случило. Но, навистина е многу, многу жалосно. Толку несреќни души кои настрадаа, не знам што да кажам, целата се тресам“, рече жителка.

„Страшно…Утрово низ солзи пиев кафе, да бидам искрена. Тешко ми е навистина, ова да се случи во нашиот град. Било каде да е, но токму тука каде што живеам да се случи, навистина ми падна тешко…“, изјави жителка на Нови Сад.

„За жал,иако сите бевме подготвени да реагираме, зборувам за полицијата, пожарникарите, спасителите, Брзата помош….Брзата помош не можеше ништо да направи бидејќи имаше повеќе загинати од повредени.
Самата зграда на железничката станица пред неколку години била реконструирана. Меѓутоа властите во Србија тврдат дека овој дел, поточно настрешницата не била реконструирана“, рече Ивица Дачиќ, српски министер за внатрешни работи.

„Велам дека ќе се утврди кој е тој кој тогаш можел да утврди дека е безбедна и дека немало потреба да биде реконструирана. Јас сега не можам да ви ги дадам тие детали, но точно е тоа дека овој дел од станицата, односно настрешницата не е реконструирана“, изјави Горан Весиќ, министер за транспорт.

Самата зграда од желенизчката станица имала две фази на реконструкција. Во втората, зградата добила нов покрив, фасади, столарија и мебел, уредена телекомуникациска опрема, шалтери, чекални и тоалети, детско катче, дел за домашни миленици, како и лифт и галеријски трем од мермер и стакло, кои претходно не постоеја во салата од железничката станица.