Македонија

Водата во Демир Капија повторно безбедна за пиење, укината забраната

Водата во Демир Капија повторно безбедна за пиење, укината забраната

Жителите на Демир Капија повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна. Од Јавното комунално претпријатие „Бошава“ информираат дека последната лабораториска анализа покажала оти водата е здравствено исправна и безбедна за употреба.

Со добиените резултати, надлежниот инспектор при Агенцијата за храна и ветеринарство ја укинал претходно изречената забрана за користење на водата за пиење.

Од „Бошава“ соопштија дека граѓаните повторно можат слободно да ја користат водата од водоводната мрежа.

Забраната беше воведена на 14 август, кога од јавното претпријатие информираа дека водата не треба да се користи за пиење и подготовка на храна.

Следниот ден, од „Бошава“ апелираа до граѓаните да нема создавање тензии и дополнителен страв, посочувајќи дека прашањето не треба да се користи ниту за дневнополитички цели.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни