СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.М. (48) од селото Подмољје, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторени две тешки кривични дела: „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги…“ и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје…“.
Според информациите од полицијата, откривањето на нелегалното оружје и дрога се одвивало во две фази.
На 30 октомври 2025 година, врз основа на судска наредба, полициските службеници извршиле претрес во домот на пријавениот. Таму пронашле и одзеле кутија со 25 куршуми и опаковка со опојна дрога кокаин.
Потоа, на 31 октомври 2025 година, следувал уште еден претрес со судска наредба, овојпат во поранешен угостителски објект во селото Мешеишта, општина Дебрца, кој осомничениот го користел.
При овој претрес, полициските службеници откриле и одзеле цел арсенал:
- 488 стебла од растението Канабис
- Вкупно 1.357 парчиња муниција од различен калибар
- Еден метален сандак со куршуми калибар 7,62 милиметри
- Две автоматски пушки
- Еден пиштол марка „VZOR“ калибар 7.65 милиметри
- Два стари револвери
- Еден тромблонски држач (додаток за граната)
- Едно тело и една иницијална каписла од рачна бомба
Целото пронајдено оружје, муниција и дрога, осомничениот ги поседувал нелегално.