Волонтери се деца кои ја победиле болеста – бесплатно сместување за родителите на децата на онкологија

Родителите на децата  кои се хоспитализирани на Детска клиника  во одделот за  хемато –  онкологија во Скопје, а притоа се од друго место, можат бесплатно да престојуваат во Родителската куќа , која се наоѓа во непосредна близина на Министерството за здравство.  За да се престојува во неа потребна е потврда од лекар.

Во куќата има неколку соби,  купатила, кујна , соба за дневен престој, детско катче, со  пристојни  услови, храна, со цел да се чувствуваат како дома. За тоа дополнително придонесуваат волонтерите деца –херои кои го победиле канцерот од различен вид.  Тие се жив  пример дека со повеќе  оптимизам болеста може да се победи и не треба да и се дозволи на психата дополнително да ја отежни здравствената состојба.

Во овие млади луѓе денес можете да гледате идни родители,  општествено корисни работници, лекари, електро-инженери: Бојан е студент на ФИНКИ, Теодора  на Медицинскиот факултет, Јана  ученичка во втора година во СМУ„Панче Караѓозов“. Но, во ниеден момент не одбегнуваат да зборуваат за болеста.

Тие им порачуваат на сите што излегле победници во битката со канцерот да не се срамат од тоа, туку да бидат горди  и да им се приклучат  како волонтери во Родителската куќа во обидот да им помогнат на родителите на децата  кои се соочуваат со овој  здравствен проблем полесно да го надминат.

Извор: ТВ21