Македонија

Вонреден апел од Штип: Клиничката болница не прима пациенти со скршеници поради паднатиот покрив

Вонреден апел од Штип: Клиничката болница не прима пациенти со скршеници поради паднатиот покрив

Клиничката болница во Штип упати итно известување до сите болници и здравствени домови во Источниот регион во наредните денови да не ги препраќаат и да не ги транспортираат пациентите со скршеници на штипското Одделение за ортопедија.

Причина за ваквата одлука е сериозната штета од синоќешното епско невреме, кога орканскиот ветер со брзина од 134 километри на час сруши дел од кровната конструкција на болницата.

Од менаџментот на ЈЗУ Клиничка болница Штип нагласуваат дека поради нанесената штета на самиот Оддел за ортопедија и ортопедската сала, тие во моментов не се во можност да понудат соодветна медицинска нега.

„Ве замолуваме во текот на следните денови, сè до санирање на нанесената штета, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничка болница Штип бидејќи нема да можат да бидат адекватно третирани. Во следните денови ве замолуваме пациентите да ги препраќате во другите центри со цел да го добијат соодветниот натамошен третман“, стои во официјалното соопштение на болницата.

Како резултат на хаваријата, болничките служби морале брзо да реагираат за да ги заштитат веќе хоспитализираните лица. Заменик-директорката на Клиничката болница во Штип, Билјана Ефтимова, извести дека меѓу 15 и 20 пациенти од ортопедија веќе се евакуирани и распределени по другите болнички одделенија.

Утринава на терен излегле и стручни тимови за проценка, со цел точно да се утврди габаритот на оштетувањето врз кровната конструкција. Нивната цел е да се овозможи што е можно побрза санација за да може овој важен регионален медицински центар брзо да се врати во нормална функција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни