Воведена нова мерка: Куќен затвор со електронски надзор за осудено лице

Управата за извршување на санкции започна со примена на уште една судска одлука со која се користи електронски надзор при извршување на казни. Станува збор за трет случај во кој се применува оваа мерка.

Како што информираат од институцијата, донесено е второ решение за замена на казна затвор со куќен затвор со електронски надзор за лице кое требало да издржува казна во казнено-поправна установа.

Одлуката е донесена од Основниот суд во Охрид, при што казната затвор во траење од една година ќе се извршува во домашни услови, со користење на опрема за електронско следење.

Надлежните појаснуваат дека во случај на непочитување на правилата и ограничувањата, пробациските службеници ќе го известат судот, согласно Законот за пробација.

Пробациската канцеларија при Основниот суд Охрид е во постојана координација со надлежните институции за спроведување на мерката, додека Одделението за електронски надзор ќе врши континуирано следење на лицето 24 часа дневно.

Со оваа мерка се овозможува извршување на казните во контролирани домашни услови, со цел поефикасно спроведување на санкциите и намалување на оптовареноста на казнено-поправните установи.