Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ и во фирмите-ќерки „Флораком“ и „Луна“ и денеска протестираат пред претпријатието поради неисплатената плата за септември. Тие ги блокираат двата влеза на претпријатието и најавуваат дека протестите ќе продолжат до петок, секој ден од 9 до 11 часот.
Претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, изјави дека повеќепати се обиделе да стапат во контакт со раководството, но без успех. Тој предупреди дека доколку до петок не се исплатат платите, протестите ќе се радикализираат со блокирање на булевари и крстосници во Скопје.
Синдикатот бара исплата на септемвриските плати, јубилејните награди и регресот за годишен одмор, посочувајќи дека финансирањето на претпријатието е неодржливо и очекува итен состанок со новото градско раководство по изборите.
Протест нема да се одржи в четврток, поради државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.