По официјализирањето на изборните резултати и постигнатиот успех на изборите, коалицијата ВРЕДИ започнува поактивна улога во дефинирањето на идната владина структура. Според партиски извори, за утре е закажана клучна средба меѓу раководството на ВРЕДИ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, на која се очекува да биде отворено прашањето за распределбата на моќта во извршната власт.
Извори од коалицијата за 4NEWS.mk брифираат дека ВРЕДИ ќе настојува да ја зајакне својата позиција во однос на првичните договори или понуди. Сметајќи дека нивниот изборен резултат им дава легитимитет за позначајно учество, тие на маса ќе стават барање за поголем број на ресори, односно повеќе позиции во владиниот кабинет и во второстепените и третостепените функции.
Целта на ова, како што се наведува, не е само зголемување на бројот на функции, туку и обезбедување на клучни сектори преку кои ВРЕДИ ќе може директно да ги спроведува своите програмски определби.
Утрешната средба се смета за прв сериозен тест за кохезијата на идната владина коалиција. Останува да се види дали Мицкоски ќе биде подготвен да ги прифати овие барања за да обезбеди брзо и стабилно формирање на новата Влада или, пак, ќе следуваат подолги и потешки преговори за секое министерско и директорско место.