„Време е за самоодбрана“: Сиљановска-Давкова бара ЕУ да биде креативна и да даде правни гаранции, уставни измени под притисок се „чуден преседан“

Додека официјален Брисел го засилува дипломатскиот притисок врз македонските власти за итно спроведување на уставните измени како единствен услов за продолжување на европскиот пат, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова возвраќа со правни аргументи. Таа порача дека на Македонија, по сите направени отстапки, сега ѝ е неопходна „самоодбрана“ и побара од ЕУ креативност и цврсти гаранции дека билатералните условувања ќе престанат.

Шефицата на државата детектира сериозни недоследности во Документот со нацрт-заклучоците на Унијата, оценувајќи дека барањето земја-кандидат да го менува Уставот пред почетокот на преговорите е непозната практика во историјата на проширувањето.

Заобиколени пресудите од Стразбур и Венецијанската комисија

Во својата анализа, Сиљановска-Давкова предупредува на двојните стандарди на меѓународната заедница. Таа смета дека во целиот процес свесно се игнорираат и заобиколуваат клучни меѓународни правни механизми:

  1. Оценките на Венецијанската комисија;
  2. Одлуките на Судот за човекови права во Стразбур кои се однесуваат на заштитата на правата на македонското малцинство во соседството.

Според претседателката, Брисел има капацитет да биде „креативен“ доколку постои политичка волја и интерес за решение.

„На таа Втора меѓувладина конференција може да се носи акт со кој ќе се гарантира дека историјата, јазикот и културата не можат да бидат услов за преговори. Непознато е да барате некоја членка да смени Устав за да ги почне преговорите. Тоа е многу чудно,“ истакна Сиљановска-Давкова.

Барање за „правна и политичка гаранција“

Клучната позиција на македонскиот претседател е дека државата не смее да влезе во процес на уставни измени без јасен заштитен механизам. По децении на отстапки, таа смета дека е време да се повлече линија.

„Ни требаат гаранции – и правни и политички. Кој треба да ја даде таа гаранција? Сигурно не ние, туку оној кој ја донел преговарачката рамка и заклучоците,“ децидна е Сиљановска-Давкова.

Таа направи паралела со Преспанскиот договор, посочувајќи го членот 7 како пример каде што јасно е наведено дека одредени прашања се затвораат, инсистирајќи на сличен механизам кој ќе ги спречи идните блокади од источниот сосед.

„Пратениците не се тастери“: Прашање на демократијата

Осврнувајќи се на внатрешно-политичкиот аспект, претседателката нагласи дека извршната власт не може да презема обврски во име на законодавната.

Таа потсети дека во Македонија не постои политичар кој може однапред да гарантира дека уставните измени ќе бидат изгласани, бидејќи тоа би било удар врз демократијата.

„Пратениците во Собранието се народни претставници кои гласаат по сопствено убедување. Сè поинаку би го отворило прашањето на демократијата и поделбата на власта,“ заклучи шефицата на државата, ставајќи до знаење дека процесот во Парламентот не може да биде диригиран од надвор.