Според извештајот на ДЗР, во Врховниот суд на Република Северна Македонија во тек се 28 судски постапки. Судот се јавува како тужена страна по тужби засновани на надоместоци и права од работен однос, во вкупен износ од 4,28 милиони денари. Бидејќи постапките се активни, конечниот исход не е познат, па постои неизвесност за идните финансиски импликации врз буџетот на Судот.
Врховниот суд појаснува дека предметните постапки за надоместоци и права од работен однос, во износ од околу 70.000 евра, не се поведени од вработените во судската служба. Дополнително, за периодот опфатен со ревизијата, вработените во судската служба немаат поведено постапки ниту побаруваат средства по тој основ.
Судот наведува дека генерализирани информации и наслови како „Врховниот суд пред сериозни предизвици: Недостигаат судии, пари и кадар, а вработените го тужат и бараат околу 70.000 евра“ создаваат погрешен впечаток и го нарушуваат угледот и интегритетот на судските службеници. Поради тоа, Врховниот суд бара неговото соопштение да биде објавено во целост на сите медиуми кои ги пренеле ваквите информации, за јавноста да биде информирана точно и објективно.