Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика учениците да се вратат на наставата и порача дека сите одговорни за насилството во земјата ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Ова, нагласи, ќе биде едно од барањата на собирот на новооснованото „Движење за народот и државата“ на Вучиќ што ќе се одржи од 11 до 13 април во центарот на Белград.
„Моја голема желба и молба, пред се, до сите студенти е да размислуваат, да се вратат во своите амфитеатри, во училниците, да учат и да работат. Моето барање е да разберат дека времето на притисок и насилство заврши“, рече Вучиќ во видео-обраќањето објавено на неговиот Инстаграм профил.
Тој рече и дека сите одговорни за насилството во државата ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Тоа сигурно ќе биде едно од барањата што ќе бидат изнесени во сабота и тие барања нема да бидат напуштени додека не бидат целосно исполнети. Сторителите ќе треба да одговараат“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно на 8 април најави дека ќе ги изнесе своите барања „кои се во согласност со Уставот“ на митингот на Движењето за народот и државата.
„Барањата кои се сериозни и кои ја претставуваат волјата на одговорните луѓе во нашата земја, волјата на мнозинството во Србија“, изјави Вучиќ.
Митингот доаѓа во време на повеќемесечни масовни протести, организирани од студенти кои ги блокираат државните универзитети – со барање да се утврди одговорноста на властите за смртта на 16 лица во несреќа во Нови Сад.
Зад барањата на студентите застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓаните кои со месеци се собираат на протести.
Демонстрациите станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во земјата, при што се отворија прашања дали несреќата во Нови Сад е предизвикана од невнимание и корупција на системот.