Над 2.000 евра за метар квадратен скокнаа цените на становите во центарот на Скопје, иако пазарот на недвижности регистрира намалена, односно забавена побарувачка на станови во однос на 2022 година.
Понудата е зголемена, посебно на постарите градби, но нивните сопственици во време на пораст на цените сакаат да ги продадат што повеќе.
„Продавам стан од 69 м2 за 150.000 евра во Капиштец, реновиран е, се продава наместен“, стои во скоро објавен оглас на агенција за недвижнини која продава станови во градба и половни станови во сопственост на физички лица.
Друг стан од 80м2 во близина на Сити Мол се продава 140.000 евра, а за тоа се добива една спална соба, паркинг пред зграда и преубав поглед бидејќи станот се наоѓа на осми кат.
Цената на квадратен метар за новоградба која треба да никне за година две во централниот дел на Скопје се приближи до 2.200 евра.
„Се продаваат станови во изградба во Центар од 31 м2 до 95м2. Готови крај на 2024, почеток на 2025 година. Цена 2.200 евра. Предимотни листови во декември“, гласи објавата на оглас во една од најголемите групи на Фејсбук посветена на продажба на недвижен имот.
Во населбата Аеродром се продава стан од 58м2 во близина на поликлиниката „Јане Сандански“ кој е проценет на 100.000 евра.
Во исто време скокнаа и цените на кириите за изнајмување станбен простор за живеење. Еден стар во Центар чини 400е за еднособен до 500 евра за двособен стан. Во близина Клинички центар киријата за стан од 40м2 е 250 евра, додека за луксузно наместен стан од околу 50м2 се плаќа 600 евра.
Многу е тешко да се извадат просечни цени бидејќи кај становите има голем распон на закупнини во зависност од опременоста, локацијата, квалитетот на станот, зградата во која се наоѓа станот како и повеќе други фактори.
Оваа година цените на становите постојано се зголемуваа, а тоа го покажуваат податоците на Народната банка. На крајот од третиот квартал заклучно со 30 септември, цените рипнале за 11 отсто на годишно ниво, односно на 2,9% повеќе во однос на вториот квартал.
Најголем раст на цените имаше во првиот квартал, дури 18,8% на годишно ниво, односно за 6,2% повеќе во однос на истиот период во 2022 година. Во вториот квартал имаше раст од 13 отсто.
Ако се споредат податоците од 2022 година кога растот на цените квартално беше 12,4%, 16,5%, 21,3,%, се гледа дека во однос на лани има тренд на забавување на растот, но цената се уште расте.
„Анализата на динамиката посочува на забрзување на растот во текот на годината, така што просечната годишна стапка се зголеми од 14,4 проценти во првото на 20,9 проценти во второто полугодие на годината. Од крајот на 2022 година, растот на цените на становите почна да забавува, што продолжи и во првата половина на 2023 година, иако сѐ уште е на повисоко ниво (12,9 проценти во вториот квартал на 2023 година)“, се вели во извештајот за финансиска стабилност во Македонија кој го изработува Народната банка.
Експертите сметаат дека после пандемијата со коронавирусот имало зголемена побарувачка која заедно со неизвесноста од војната во Украина и растот на цените материјалите, посебно на железото, предизвика цените да се вивнат до небо.
Очекувањата се дека во следната година ќе се смири пазарот на недвижности затоа што побарувачката е намалена, а понудата е речиси двојно зголемена.
„Понудата на нови станови и натаму се зголемува, што речиси во целост се јавува поради зголемениот број станбени згради во градба. Во првите три квартали од 2022 година, просечната понуда на станови достигна 25.901 стан, што е зголемување од 13,9 проценти во споредба со истиот период од претходната година“, се вели во извештајот на Народната банка.
Во извештајот се вели дека „движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на постоење опасност од евентуално поостро свртување на циклусот и брза и силна надолна корекција на цените, што може да влијае врз ликвидноста на пазарот и следствено врз ликвидноста на заложените недвижности кај банките“.
Последниот Попис покажа дека од вкупно 839.000 станови, 63,4 проценти биле населени. Од 243.000 станови во Скопје, попишувачите запишаа дека 70.000 зјаат празни. Овие статистики не одат во прилог на тврдењата на градежниците дека не може да се постигне да се задоволи побарувачката.
Доколку продолжи, нереалното билдање на цените на становите може да ја доведе во опасност финансиската стабилност на државата.