„Едно лице добива наредба за запирање на постапката, а Зоран Николовски добива обвинителен акт за исто постапување во ист временски период. Каква е оваа еднаквост пред законот?“
Со ова прашање, адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Зоран Николовски (поранешен раководител во Министерство за економија), го обвини Обвинителството за селективност.
Миланов направи директна споредба со колешката на обвинетиот, Лилјана Илиевска. „Во ова обвинение ќе најдете дека и Лилјана Илиевска ја контролирала лиценцата. За неа нема каузалитет, нема причинско-последична врска, нема умисла, но за Зоран Николовски има,“ истакна адвокатот, посочувајќи дека за неа постапката е запрена, иако дејствијата им биле идентични.
Одбраната тврди дека Николовски бил во „пат позиција“. Тој првично го одбил барањето за лиценца бидејќи Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) известил дека објектот не е готов. Но, кога стигнала уредна документација, морал да потпише во рок од 15 дена. „Ако не го испочитуваше рокот, ќе добиеше кривична пријава затоа што не постапил. Бидејќи го испочитувал со уредна документација, сега седи пред вас како обвинет,“ рече Миланов.
Тој додаде дека Николовски работел во Министерството само до декември 2013 година, а лиценците што ги контролирал важеле само една година.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ЗОРАН НИКОЛОВСКИ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Зоран Николовски (55), поранешен Раководител на Секторот за туризам и угостителство при Министерство за економија, се товари за „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството го товари за:
- Контрола на спорните лиценци: Како раководител, ги контролирал документите за лиценците издадени во 2012 и 2013 година.
- Игнорирање на пропусти: Иако знаел дека документацијата е нецелосна (непополнети рубриќи за хигиена, квадратура и излези за евакуација) и дека локацијата не одговара, тој дал согласност предметот да оди на потпис кај министерот .
- Селективност на ОЈО: Интересно е што самото Обвинителство во актот (стр. 19) потврдува дека за службените лица Љиљана Илиевска, Анета Димовска, Зоран Павловски и други, постапката е запрена, што ја потврдува тезата на одбраната за различен третман на вработените.