За МНР шпекулација е дека имало политичко влијание за тендерот од 1,8 милиони евра

Министерството за надворешни работи денеска повторно излезе со соопштение во кое тврди дека нема ништо спорно во тендерот за преадаптација на салата „Борис Трајковски“ за министерската конференција на ОБСЕ. Тендерот вреден 1,8 милиони евра го доби градежната фирмата „Еуровиа“ од Желино, која е донатор на ДУИ.

„Како тенденциозни и крајно шпекулативни ги оценуваме сите тврдења и обвинувања за наводно политичко влијание или било каква форма на нерегуларност во изборот на компанија за реконструкција на салата „Борис Трајковски“. Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, Министерството за надворешни работи ги споделува понудите од четирите понудувачи на јавната набавка за реконструкција и надградба на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ за потребите на конференцијата на ОБСЕ. Уште еднаш потенцираме дека станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој ќе се одржува во Скопје на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи од регионот на ОБСЕ и повеќе од 1000 гости“, велат од МНР.

Велат дека услов за избор на најповолен понудувач на тендерот била најсниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имала далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација. „Еуровиа“ имала понуда од 93.746.070 денари, второрангираната фирма 120.668.981 денари, третонаградената 34.015.461 денари, а четврторангирана 374.353.297 денари.

„Министеерството ниту смее ниту е правно издржано да отфрли понуда која според критериумите е најповолна. Одговорно тврдиме дека не постои никакво влијание ниту нерегуларност во изборот на компанијата што е потврдено до второстепена комисија. Сите институции се добредојдени да го анализираат изборот како и спровдувањето на постапката која ќе биде по највисоките стандарди на ОБСЕ. Уште еднаш сакаме јасно да потенцираме дека, специфичните барања за изведба на работите и нивниот квалитет, како и потребата за истите се специфични барања на ОБСЕ согласно стандардите на организацијата за организација на вакви настани“, велат од МНР.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното