За онлајн нарачките преку „Тему“ ќе плаќаме ДДВ – Владата го укинува ослободувањето за пратки под 22 евра

Владата до Собранието достави предлог-измени на Законот за данок на додадена вредност (ДДВ), со кои се предвидува укинување на ослободувањето од плаќање на ДДВ за производите што граѓаните ги нарачуваат од странство, доколку нивната вкупна вредност не надминува 22 евра.

Со предложените измени, сите пратки што досега беа ослободени од данок — од мали електрични делови до облека и модни додатоци — ќе поскапат за 18 проценти, колку што изнесува тековната стапка на ДДВ.

Ослободувањето од ДДВ ќе важи само за мали пратки со некомерцијална вредност, испратени од физичко лице на физичко лице, со вредност до 22 евра. Исклучок се алкохолни пијалаци, парфеми, тутун и слични производи, за кои нема да се применува ослободување.

Владата ја образложува измената со наглиот раст на онлајн купувањето преку меѓународни платформи, меѓу кои најпопуларна е кинеската „Тему“, преку која македонските граѓани само во јуни 2025 година нарачале 250 тони стока.

Според Царинската управа, околу 95 илјади килограми од овие пратки биле третирани како мали пратки без давачки, додека останатите 150 илјади килограми биле предмет на царински обврски во вредност од 41,7 милиони денари.

Со новите измени, Владата има за цел да го усогласи законодавството со европските практики и да обезбеди еднаков даночен третман за сите производи кои се увезуваат во земјата.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.